Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
14.5.2018

Нула во дербито, Јувентус шампион по седми пат по ред!

Фудбалерите на Рома и Јувентус ремизираа без голови во дербито на 37-мото коло на Серија А, со што „старата дама“ пред последното коло ја обезбеди седмата последователна шампионската титула на Италија.

Јувентус само го потврди она што беше јасно и пред овој натпревар, но му беше неопходен бод за да може и математички да ја осигури титулата. Апсолутните владетели на Италија по претпоследното коло, имаат 92 освоени бода, а четири повеќе од второпласираниот Наполи, кој ја совлада Сампдорија со 2-0.
За Рома овој натпревар немаше резултатско значење бидејќи екипата на Еузебио ди Франческо со поразот на Интер во саботата, обезбеди пласман во Лигата на шампионите. Таа сега се наоѓа на третото место со 74 бода.
Натпреварот на „Олимпико“ не го оправда епитетот дерби – за 90 минути најинтересната ситуација се случи во 49-тата минута, кога поради офсајд, беше поништен голот на Пауло Дибала.
Аргентинецот можеше уште еднаш да го матира Алисон, но голманот на „волчицата“ излезе како победник од дуелот еден на еден.
Најдобрата шанса за Рома ја пропушти Александар Коларов, кој добро шутираше од слободен удар, но топката помина покрај стативата.
Домашниот тим дуелот го заврши со десетмина играчи. Раџа Најнголан во 68-мата минута доби втор жолт картон поради прекршок.
Кога станува збор за натпреварот меѓу Сампдорија и Наполи, „наполитанците“ прашањето кој ќе биде победникот го решија за осум минути во второто полувреме – резервниот играч Милик ја затресе мрежата во 72-рата минута, само по една минута откако влезе на теренот, а конечниот резултат го постави Албиол во 80-тата.
Сампдорија по поразот остана на деветтото место со 54 бода.

Најнови вести