Корисничко име Лозинка Пријави се
29.4.2018

Вардар со пораз се пласираше на Фајнал фор во Келн

Вардар на реваншот во Скопје загуби од Кил со 28-27, но втор пат по ред се пласираше на завршницата на ракометната Лига на шампиони по победата со повеќе голови на првиот натпревар во Германија.

Европскиот шампион по втор пат елиминира германски клуб во четвртфиналето и се пласира на завршниот турнир каде ќе се обиде да напише историја – да стане првата екипа која ќе ја одбрани европската круна.
Вардар му допушти на Кил да се разигра на почетокот на натпреварот и да направи серија од 3-0, благодарение на одбраните на Ландин.
Во шестата минута, „црвено-црните" го постигнаа првиот гол, а потоа следеа четири погодоци во низа, преку Борозан (два пати гола), Кањелас и Дибиров за прво водство во деветтата минута од 4-3. 
Одбраната на европскиот шампион функционираше на врвно ниво, па избраниците на Раул Гонзалес во 13-тата минута поведоа со 8-5 и ја одржуваа предноста неколку напади. 
Но Германците не се предадоа и по неколку технички грешки и два нереализирани пенали на Иван Чупиќ го израмнија резултатот за 13-13 на полувремето.
Вториот дел вардарци го почнаа со две одбрани на Штербик и 18-15 во 34-тата минута, а Дибиров седум минути подоцна маестрално погоди за 21-17. По тајмаутот на германскиот тренер Кил се врати на 21-20, но Циндриќ и Борозан повторно направија комфорна предност од 23-20.
И наместо Вардар да го дотолчи противникот, му дозволи да се врати во игра и во финишот влезе во игра гол за гол и на осум минути до крајот да влезе во драматична завршница (25-24).
Штербик со 15-тата одбрана и голот на Кристопанс го одлепија Вардар на 27-25, но Винцек се погрижи за драма, Циндриќ не погоди, а Билик изедначи на 27-27 на 30 секунди до крајот.
Претпоследниот напад на Вардар беше прекинат, Егберг го постигна победничкиот го за Кил. 
Со самиот звук на сирената Циндриќ постигна гол за израмнување, но не беше признат.
Арпад Штербик со 15 одбрани беше најдобар играч на Вардар, Борозан со шест гола беше најефикасен, два помалку имаше Циндриќ.
На завршниот турнир покрај Вардар досега се пласираа ПСЖ и Нант.

Најнови вести