Корисничко име Лозинка Пријави се
09.12.2017

Силва подготвен за Јунајтед

Давид Силва, фудбалерот на Манчестер сити, ќе биде подготвен за дерби-натпреварот од 16-тото коло на Премиер лигата против Манчестер јунајтед, изјави вчера Пеп Гвардиола.

„Тој ќе игра. На почетокот на оваа седмица докторот ми рече дека е неизвесно дали Силва ќе закрепне до викендот, па тоа беше причината што ви реков дека можеби нема да можам да сметам на него против Јунајтед, но денес разговарав со Давид и ми кажа дека се чувствува многу добро и дека е подготвен“, изјави Гвардиола на вчерашната конференција за медиумите.
Репрезентативецот на Шпанија ги одигра сите 15 натпревари во Премиер лигата оваа сезона и постигна два гола, вклучувајќи го победоносниот против Вест хем минатиот викенд, по што имаше проблеми со болки во нозете, па го пропушти гостувањето на Шахтар во Лигата на шампионите.
Манчестерското дерби, кое се игра утре, од 17.30 часот на „Олд Трафорд“ ќе го пропушти и Пол Погба, играчот за врска на Јунајтед, поради исклучувањето во претходното коло против Арсенал.
Сити е прв на табелата на Премиер лигата со 43 бода, додека нивниот градски ривал е втор со осум бодови помалку.

Најнови вести