Корисничко име Лозинка Пријави се
17.10.2017

Пеп: Со Наполи ќе играат првите 11

Пеп Гвардиола, тренерот на фудбалерите на Манчестер сити, изјави дека е уверен дека Наполи ќе го изведе најсилниот тим во претстојниот натпревар во Лигата на шампионите.

Фудбалерите на Манчестер сити вечерва, од 20.45 часот, на домашен терен против Наполи го играат натпреварот од третото коло од групата Ф во Лигата на шампионите.
Сити е прв на табелата со шест бодови, Шахтар и Наполи имаат по три, а Феенорд е без бодови.
Аурелио де Лаурентис, претседателот на Наполи, неодамна изјави дека неговата екипа против Сити би можело да настапи во комбиниран состав, бидејќи се подготвува за важен натпревар во првенството против Интер. Гвардиола изјави дека Наполи ќе дојде со најсилниот состав и дека би можел да ја именува првата постава на италијанскиот тим.
На прашањето дали му верува на претседателот на Наполи, Гвардиола изјави: „Апсолутно не“.
„Ако ова попладне патува со ист авион со тренерот Маурицио Сари, може да го праша за составот на тимот. Мислам дека последните десет натпревари ги почнуваа со исти играчи. Можам да ви кажам кои играчи ќе настапат против нас“, изјави тренерот на „граѓаните“, а пренесе „Скај“.
Манчестер сити и Наполи добро ја почнаа сезоната. Англискиот клуб е прв на табелата на Премиер лигата со два бода повеќе од Манчестер јунајтед, а Наполи има два бода повеќе од второпласираниот Интер.
Наполи постигна 26 погодоци во осум првенствени натпревари, а Сити во осум средби даде 29 гола. 
„Сигурен сум дека натпреварот ќе биде фантастичен. Тие работат многу, многу работи, а сè што работат, работат совршено. Тие не се екипа која ќе чека, ќе врши притисок. Имаат тројца одлични играчи - (Лоренцо) Инсиње, (Дрис) Мертенс и (Хосе) Калјехон“, додаде тренерот на Сити.
Гвардиола додаде дека Серхио Агуеро, напаѓачот на неговата екипа, закрепнува од повредата на ребрата, со која се здоби во сообраќајната несреќа во Амстердам, и дека е блиску до враќање во екипата.
„Секој ден е сè подобро. Во неделата одлично тренираше. Ден пред тоа беше добар, но не беше совршен, секој ден напредува“, изјави Гвардиола.
Во другиот натпревар од групата Ф, Феенорд во 20. 45 часот ќе го дочека Шахтар.

Најнови вести