Корисничко име Лозинка Пријави се
25.11.2016

Лига на Европа: Јунајтед уверлив, Џеко ја носи Рома

Фудбалерите на Манчестер јунајтед го победија Феенорд на „Олд Трафорд“ со 4-0 во петтото коло на Лигата на Европа.

Екипата на Жозе Мурињо беше под голем притисок пред овој натпревар бидејќи во случај да триумфираа гостите, ќе останеше без шанси за пласман во наредната фаза од А групата.
Јунајтед сега има девет бодови, еден помалку од Фенербахче и два повеќе од Феенорд. Во последното коло Јунајтед гостува кај прежалената Зорја, додека во Холандија ќе се сретнат Феенорд и Фенербахче.
Англискиот гигант одигра уште еден квалитетен натпревар и покажа дека ја подигнува формата. Одличен беше капитенот Вејн Руни, кој го постигна првиот гол во 35-тата минута, кога од сомнителна позиција го искористи додавањето на Ибрахимовиќ и топката ја префрли кај голманот на гостите.
Во продолжението на натпреварот Јунајтед напаѓаше, но не можеше до голот, па изгледаше дека Феенорд ќе го казни тоа. Но, во 69-тата минута Руни маестрално го проигра Мата од позиција од која можеше и да шутира, а Шпанецот имаше лесна работа за 2-0.
Само шест минути подоцна, на семафорот резултатот беше 3-0. Ибрахимовиќ од мртов агол се обиде да асистира, а голманот на гостите Џонс ја испрати топката во сопствената мрежа. Победата ја заокружи Лингард во последните моменти.
Во групата Е, убедлива победа синоќа оствари и Рома на домашен терен против Викторија П’лзењ (4-1) и со тоа се пласира понатаму. Римјаните имаат 11 бода, четири повеќе од Астра и шест повеќе од Австрија.
Един Џеко во 11-тата минута погоди за 1-0, а гостите изедначија во 18-тата со голот на Земан. Во продолжение Џеко постигна уште два гола, а во стрелците се запиша и Пероти.
Во групата Ф, познато е дека понатаму се пласираа Генк и Атлетик Билбао, само не е познато кој од која позиција бидејќи двете екипи имаат по девет бода. Билбао го победи Сасуоло со 3-2 на домашен терен. Генк на свој терен беше подобар од Австрија со 1-0.
Во последното коло интересно ќе биде во групата Д. Зенит има максимални 15 бодови и се пласира во следната фаза, а по победата на АЗ Алкмар над Дандалк во гости со 1-0, холандскиот тим има пет бода, а Дандалк и Макаби по четири.
Во групата Б, шансата да обезбеди пласман ја пропушти Олимпијакос, кој одигра 1-1 со Јанг бојс. Грчкиот тим сега има осум бода, еден помалку од АПОЕЛ, а три повеќе од Јанг бојс и Астана.

 

Најнови вести