Корисничко име Лозинка Пријави се
24.10.2011

Вилаш-Боаш: Ова не е првпат вака да ни судат

Андре Вилаш-Боаш, менаџерот на фудбалерите на Челзи, по поразот (1-0) на неговата екипа кај Квинс парк ренџерс огорчен е на судијата што исклучи двајца играчи од неговата екипа.

Уште во првото полувреме, во интервал од десет минути, исклучени беа двајца играчи на Челзи, Жозе Босингва и Дидие Дрогба, а менаџерот на гостите смета дека за такво нешто немало причина.
„Судењето во овој натпревар не беше добро и ова не е прв пат такво нешто да ни се случува. Многу сум разочаран од судијата, беше премногу возбуден, а можам само да се надевам дека ова нема да стане начин на судење на мојата екипа, бидејќи досега веќе сме оштетени на три натпревари“, нагласи Вилаш-Боаш, а потоа ја пофали својата екипа за играта со двајца играчи помалку.
Медиумите во Англија се согласуваат дека исклучувањето на Босингва по дуелот со Рајт-Филипс можеби било престрого, но затоа Дрогба оправдано го заработи црвениот картон за многу грубиот напад на Адел Тарабт.
И покрај сето тоа, во второто полувреме Челзи доминираше и имаше неколку добри шанси, од кои во најдобрата не погоди Никола Анелка, кога од околу шест метри гаѓаше во домашниот голман Педи Кени.
Ваквите изјави на Португалецот сигурно ќе му донесат казна од ФА која е многу строга кога се работи за негативни коментари за судењето.

Најнови вести