Корисничко име Лозинка Пријави се
24.2.2016

Гостите фаворити во Киев и Ајндховен

Во Киев и Ајндховен ќе се играат последните натпревари од првата рунда од осминафиналето на Лигата на шампионите - Динамо ќе го пречека Манчестер сити, додека ПСВ ќе го нагостиАтлетико Мадрид.

Гостите од Англија и Шпанија се апсолутни фаворити во овие двојни натпревари, но Лигата на шампионите секоја година има неколку изненадувања.
Манчестер сити веќе со години во Англија е голема сила, но тоа никако да го докаже и во Европа. Ова е четврта по ред сезона за „граѓаните“ во ова елитно натпреварување, но на ниедно до сега не го поминаа осминафиналето.
„Најважно е да одиграме добро, не размислуваме за иднината. Бевме први во групата и сакаме така и да продолжиме, знаеме колку е тешко во фазата на елиминација. Сега играме во Лигата на шампионите, во недела сме на ’Вембли’ во Лига купот, а во среда веќе во Премиер лигата“, изјави менаџерот на Сити, Мануел Пелегрини.
Динамо Киев во 1999 година играа полуфинале во Лигата на шампионите, а од тогаш ова им е прв настап надвор од групната фаза на натпреварувањето.
Динамо веќе со месеци е надвор од натпреварувачката форма, ова ќе му биде прв официјален натпревар од 9 декември и дуелот со Макаби во последното коло од групната фаза.
Атлетико Мадрид пак веќе со години е во врвот на европскиот фудбал, но минатата сезона беше сопрен во четврт-финалето од Реал, а оваа сезона ждрепката им беше наклонета, но...
„Играме против многу офанзивна екипа, одлични се и имаат играчи кои се голгетери. Не треба да се заборави ниту пак нивната тимска игра. Тоа ќе биде интензивен и брз натпревар, ние ќе бараме поволен резултат пред реванш натпреварот“, изјави тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне.
ПСВ е некогашен првак на Европа, но од полуфиналето од 2005 година нема поголем успех во Лигата на шампионите.
„Нема значајно да го промениме нашиот стил на игра, тактиката секогаш ја базираме на основа на противниците. Добро е што Гвардадо се врати на тренинзите, тој ни е многу битен играч“, изјави тренерот на ПСВ, Филип Коку.

Најнови вести