Корисничко име Лозинка Пријави се
26.6.2015

Перу со хет-трикот на Гереро во полуфиналето

Фудбалерите на Перу се пласираа во полуфиналето на Копа Америка во Чиле, откако триумфираа над Боливија со 3-1.

Јунак на победата беше Паоло Гереро, кој постигна хет-трик, а единствениот гол за Боливија го постигна Марсело Морено во 84-тата минута.
Перу во полуфиналето ќе се сретне со домаќинот на шампионатот, а тој дуел на програмата е во понеделник.
Преостанатите две четврт-финални средби се играат утре и во недела, а се сретнуваат Аргентина и Колумбија, односно Бразил и Парагвај.
Селекцијата на Перу одигра одличен натпревар против Боливија, а Гереро ја доведе во водство во 20-тата минута. Само три минути подоцна, тој ја удвои предноста, а во 74-тата минута на Перу му донесе недостижни 3-0. Морено во 84-тата минута од пенал можеше само да го ублажи поразот на својот тим.
Од самиот почеток на натпреварот, Гереро, напаѓачот на Фламенго одлично напаѓаше, беше прецизен, а исто така е заслужен и за брзата и немилосрдна игра на својот тим во четврт-финалето, поради што стручњаците сметаат дека Перу има шанса против Чиле, и покрај тоа што нивните ривали ќе имаат голема поддршка од навивачите.
Гереро го доведе Перу во водство по одличниот центаршут на Хуан Варгас, откако ја испрати топката покрај десната статива. За новиот гол се чекаше само три минути, а тогаш Кристијан Куевас одлично го ангажира својот напаѓач, кој мирно успеа да ја затресе мрежата од непосредна близина. До третиот гол дојде по грешката на Боливија, кога еден од одбранбените играчи ја изгуби топката, а Гереро беше на вистинското место и беше прецизен.
Боливија на крајот успеа да ја затресе мрежата на Перу, но од белата точка, по фаулот на Луис Авинкула во шеснаесетникот. Морено тогаш гаѓаше само од средината на голот, а голманот на Перу беше немоќен, бидејќи се фрли на страна.


Најнови вести