Корисничко име Лозинка Пријави се
18.9.2011

Македонија четврта на Евробаскетот

Македонија не успеа да направи уште едно изненадување во малото финале и загуби од Русија со 72-68 во борбата за бронзената медалја.

По уште еден инфаркт натпревар во кој победникот се решаваше во последните секунди, македонската кошаркарска репрезентација мораше да се помири со четвртото место на Европското првенство во Литванија откако повторно покажа зошто е сензација во кошаркарска Европа.
  Нашите златни момчиња не се предадоа во ниту еден момент од мечот, иако беа натскокани од високите руски кошаркари и во третата четвртина имаа високи 12 поени заостанување. Новите македонски спортски херои ја стигнаа предноста во последната четвртина, а неколкупати имаа и предност од 3 поени во моментите на одлука.
Лестер Бо Мекејлеб уште еднаш беше најефикасен со 22 коша, но тие не беа доволни да им парираат на расположените Руси, кај кои Кириленко постигна 18 коша, со две одлучувачки тројки кога се кршеше резултатот, а Моња, Мозгов и Воронтсевич постигнаа по 10 кошеви. Владо Илиевски повторно одигра одличен натпревар со 16 поени и 3 од 5 обиди за тројка, а Перо Антиќ постигна 13 поени.
На крајот одлучувачки се покажаа скоковите на високите руски репрезентативци кои забележаа 43 скокови, наспроти нашите 25.
Сепак, ништо не може да го намали успехот кој го остварија нашите момчиња предводени од селекторот Марин Докузовски. Нашите кошаркарски херои во Скопје се враќаат утре, а ќе бидат пречекани од илјадници граѓани на цела Македонија. Централната прослава на историскиот успех ќе се одржи на плоштадот Македонија, а ќе почне од 11:30 часот со нивното пристигнување на аеродромот „Александар Велики“, по што ќе бидат возени на двокатен автобус низ Скопје, а на плоштадот ќе пристигнат во 13:30 часот.

Најнови вести