Корисничко име Лозинка Пријави се
15.12.2014

Лига на шампиони: ПСЖ - Челзи, Сити – Барса

Во осминафиналето на Лигата на шампионите напролет нè очекуваат два спектакла, дуелите меѓу ПСЖ и Челзи и меѓу Манчестер сити и Барселона.

Трето дерби на рундата е средбата на финалистите од 1997 година, Јувентус и Борусија Дортмунд, додека бранителот на титулата Реал Мадрид имаше среќа во Нион, ќе игра со Шалке.
Минатосезонскиот финалист Атлетико Мадрид ќе се сретне со Баер од Леверкузен, Баерн Минхен ќе се соочи со Шахтар, Арсенал не би требало да има проблеми со Монако, додека најмалку атрактивен пар е Базел – Порто.
ПСЖ и Челзи минатата сезона играа во четврт-финалето, првиот натпревар, исто така, беше игран во Париз, каде што домаќинот победи со 3-1, но Жозе Мурињо направи пресврт на „Стемфорд бриџ“ со 2-0.
„Добро го познаваме ПСЖ бидејќи со него игравме минатата зима, а сега во тој тим е и Давид Луиз. Ждрепката е добра пред сè за нашите навивачи. Екипите имаат различни состави во однос на минатата година, така што сеедно е дали го добивме ПСЖ или некој друг“, изјави Дејвид Бернард, секретарот на Челзи.
Сити и Барса втора година по ред се сретнуваат во осминафиналето, минатата сезона Каталонците славеа со 4-1 во вкупниот скор.
„Тежок натпревар, но со радост го очекуваме. Сити има извонреден тим и многу добар тренер. Сè знаеме за нив, играат на високо ниво. Ова е натпревар со два тима со неверојатни играчи, па сè е можно“, изјави Андони Зубизарета, спортскиот директор на Барселона.

Осминафинале (17. 2/18. 3)
ПСЖ – Челзи
Манчестер сити – Барселона
Баер Леверкузен - Атлетико Мадрид
Јувентус – Борусија Дортмунд
Шалке – Реал Мадрид
Шахтар – Баерн Минхен
Арсенал – Монако
Базел – Порто

Најнови вести