Корисничко име Лозинка Пријави се
25.2.2014

Дрогба: Челзи е десет пати подобар од Галатасарај

Дидие Дрогба, пред натпреварот со Челзи во осминафиналето на Лигата на шампионите, изјави дека англискиот клуб е десет пати подобар од турскиот, но дека верува во добар резултат.

Фудбалерите на Галатасарај утре од 20.45 часот во Истанбул го играат првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите против Челзи.
„Дали е Челзи подобар од Галатасарај? Секако, десет пати подобар. Но, јас кога играм, играм за да победам. Ќе биде тешко, но сè е можно. Ако постои и еден отсто шанса да победиме, верувам дека го можеме тоа“, изјави Дрогба.
Галатасарај ќе се обиде да се пласира во четврт-финалето втора година по ред.
Дрогба со Челзи ја освои Лигата на шампионите во сезоната 2011/12, кога во финалето против Баерн од Минхен изедначи во регуларниот дел на 1-1, а потоа го погоди и последниот пенал. Соиграчите по тој натпревар го нарекоа јунак и легенда на клубот. Тој одигра 341 натпревар за Челзи и постигна 157 голови.
Фудбалерот од Брегот на Слоновата Коска изјави дека Челзи зазема посебно место во неговото срце, но дека сака победа во утрешниот дуел. Тој оваа сезона постигна 12 голови во сите натпреварувања.
„Ќе бидам среќен ако постигнам гол, бидејќи сакам да се пласираме во четврт-финалето, но морате да покажете почитување“, додаде Дрогба.
Челзи во натпреварот влегува по победата од 1-0 против Евертон, по која го задржа првото место на табелата.
„Никогаш не верувавме дека не можеме да ја освоиме титула, но Жозе Мурињо дојде во клубот да направи големи работи, што и се обидува да го стори“, изјави Самуел Ето, напаѓачот на Челзи.
„Играчите веруваат дека е можно тоа, но тоа не е наша задача. Сега мислиме само на натпреварот со Галатасарај, а не размислуваме за останатите екипи и натпревари“, додаде Ето.
Реванш-натпреварот се игра на 18-ти март од 20.45 часот на стадионот „Стемфорд бриџ“ во Лондон.

Најнови вести