Корисничко име Лозинка Пријави се
12.3.2013

Гатузо ја завршува играчката кариера

Џенаро Гатузо, легендарниот фудбалер на Милан, ова лето планира да ја заврши играчката кариера и целосно да ѝ се посвети на тренерската работа.

Тој моментно е фудбалер и тренер на швајцарскиот Сион, а во јуни ќе ги обеси копачките на клин.
„Во јуни ќе ѝ се посветам на новата кариера. Чувствувам дека мојата амбиција и одлучност се добар почеток за тренерската работа“, изјави Италијанецот.
„Ме споредија со Антонио Конте и мора да признам дека тоа е голема чест“, додаде Гатузо не криејќи ги симпатиите кон тренерот на Јувентус. „Би сакал да постигнам исти успеси како и тој. Доста сме и слични, за почеток, и двајцата ги имавме Марчело Липи и Карло Анчелоти за тренери. Тие беа мои учители.“
Гатузо се осврна и на реванш-натпреварот од осминафиналето на Лигата на шампионите меѓу Милан и Барселона.
„Ќе седам пред телевизорот и ќе уживам во претставата на моите некогашни соиграчи. И пораз од 3-1 би бил задоволувачки“, изјави 35-годишниот фудбалер.
Гатузо најголемиот дел од кариерата го помина во екипата на Милан, за која одигра 335 натпревари и постигна девет голови, додека во дресот на репрезентацијата на Италија настапи 73 пати и постигна еден погодок.

Најнови вести