Корисничко име Лозинка Пријави се
19.8.2018

Велкоски даде гол, па доби црвен картон

Капитенот на Сараево ја напушти играта во 77 минута

Крсте Велкоски со гол и црвен картон го заврши дуелот на Сараево против Зрињски. Македонскиот интернационалец кој ја има капитенската лента на Сараево, во првото полувреме се израдува на погодок, а во вториот дел доби исклучување.
Се играше 32 минута кога беше досуден пенал за Сараево, а Велкоски застана да го изведе ударот од 11 метри. Шутот на македонскиот напаѓач го одбрани голманот на Зрињски, но топката повторно дојде до Велкоски, кој погоди во тој момент за 2:0 за Сараево. Тоа беше втор погодок за него сезонава. 
Во второто полувреме, Велкоски беше исклучен во 77 минута и тоа поради два жолти картони. За среќа на капитенот на домашниот тим, неговото исклучување не донесе штета на екипата, бидејќи Сараево на крајот победи со 4:2 и со 11 бодови од шест меча се искачи на делба на второто место заедно со Широки Бријег. Лидер е Железничар со 13 бодови.