Корисничко име Лозинка Пријави се
13.8.2018

Росе: Шкендија е квалитетен тим, ќе ни биде тешко во Скопје

Тренерот на Салцбург, Марко Росе е претпазлив пред реваншот со Шкендија, утре, во Скопје од 20,15 часот, а подели доста комплименти за актуелниот македонски првак

Салцбург има огромна предност од 3:0 пред утрешниот реванш со Шкендија за пробив во последната квалификациска фаза пред настап во Лигата на шампионите, но гостите се претпазливи во изјавите. Тренерот на австрискиот првак, Марко Росе истакна дека Шкендија има квалитетен состав и дека ќе биде тешко да се игра во Скопје.
„Нема да биде рутина, како чшто многумина очекуваат. Шкендија имаше добри шанси за гол и на првиот меч, а презентираа квалитет, иако ги победивме со 3:0. Ќе ни биде тешко во реваншот, но целта се знае, да се пласираме во плејофот за настап во Лигата на шампионите“, рече Росе, на денешната прес-конференција.
И Анди Улмер, играчот на Салцбург вели дека Шкендија пријатно изненади со играта на првиот меч, иако победата на фаворитот е убедлива.
„Мора да одиграме на највисоко ниво, ако сакаме да ги избегнеме проблемите. Се надевам дека ќе бидеме ефикасни како на првиот меч“, рече Улмер.
Салцбург е голем фаворит за пат понатаму, така беше и пред стартот на двомечот, но тоа ќе треба да го потврди и утре во Скопје, на реваншот со македонскиот првак.

 

Најнови вести