Корисничко име Лозинка Пријави се
04.5.2017

Ајакс убедлив против Лион, на чекор од финалето

Фудбалерите на Ајакс се наоѓаат на чекор од финалето на Лигата на Европа откако во првиот натпревар од полуфиналето во Амстердам го декласираа Лион со 4-1.

Холандскиот гигант одигра фантастичен дуел на „Јохан Кројф арената“, целосно ги надигра гостите од Франција и ќе има огромна предност пред реваншот.
Ништо на почетокот на натпреварот не најавуваше ваков исход бидејќи првата шанса ја имаше Лион. Во десеттата минута Тусар одлично помина и го проигра Корне, чиј удар беше блокиран.
Домаќинот во натпреварот се исклучи по 20 минути, но не беше казнет поради тоа, напротив. Практично првата шанса Ајакс ја искористи во 25-тата минута.
Зијех центрираше од прекин, а од пет метри најдобро се снајде Траоре, кој со глава погоди за 1-0.
Тој гол како дополнително да ги релаксира домашните играчи, кои во 34-тата минута веќе водеа со 2-0. Голманот на Лион очајно ја исфрли топката, Траоре со глава го проигра Долберг, а Данецот беше незапирлив – 2-0.
Ајакс имаше уште неколку шанси до полувремето, не ги искористи, но третиот гол го постигна уште во четвртата минута на вториот дел. Повторно одбраната на Лион очајно реагираше, Зијех го проигра Јунес, кој ја затресе мрежата на Французите по трет пат.
Во тие моменти се играше отворено и двете екипи пропуштија по неколку шанси сè до 66-тата минута, кога Лион успеа да постигне гол во гости.
Валбуена ја прифати топката и од околу 15 метри со силен удар го врати неговиот тим во игра.
Но тоа беше сè од гостите. Ајакс брзо се консолидираше и во 71-вата минута го завери убедливиот триумф. 
Повторно одличниот Зијех учествуваше во акција, го пронајде Траоре, кој го постави конечниот резултат 4-1.
Реванш-натпреварот се игра за шест дена во Франција, а во другото полуфинале се сретнуваат Селта и Манчестер јунајтед.

Најнови вести