Корисничко име Лозинка Пријави се
02.3.2017

Луис Енрике потврди - налето ја напушта Барселона

Луис Енрике, тренерот на Барселона, изјави дека на крајот на сезоната ќе го напушти клубот.

Тој по 25 кола на шпанската Примера лига, во која Каталонците го декласираа Спортинг со 6-1, го потврди она што со денови се шпекулираше.
„Нема да бидам тренер на Барселона следната сезона. Ми треба време да се одморам од фудбалот. Начинот на којшто ја работам оваа работа е причината поради која морам да одам. Има премалку часови за одмор, а мене ми треба тоа време“, изјави Енрике.
Со денови и седмици во медиумите се шпекулираше за промена на Луис Енрике од местото тренер на Барселона, а приказните за отказ беа засилени по дебаклот во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите против ПСЖ (0-4).
За неговата одлука прво ги известил играчите, а потоа и медиумите.
Тренерската кариера ја почна со тимот Б на Барселона, а потоа ги водеше Рома и Селта, по што во 2014 година се врати во каталонскиот клуб.
Енрике во првата сезона ја освои тројната круна, како и Суперкупот на УЕФА и Светското клупско првенство.
Хосеп Бартомеу, претседателот на Барселона, изјави дека Енрике уште пред неколку дена му соопштил дека ќе ја напушти клупата на Барселона.
„Клубот ја прифаќа одлуката на Енрике. Беше одличен тренер. Сега мораме да ја завршиме сезоната на најдобар можен начин. Луис Енрике ни помогна да бидеме успешни. Сè уште може да ни помогне“, изјави Бартомеу.
Енрике на „Камп ноу“ дојде пред три години. Со Барселона досега освои две титули во Примера лигата, два пати Кралскиот куп, Лигата на шампионите во 2015 година, Суперкупот на Шпанија, Суперкупот на УЕФА и Светското клупско првенство.

Најнови вести