Корисничко име Лозинка Пријави се
07.7.2016

Роналдо го нокаутираше Велс, Португалија во финале на ЕП

Фудбалерите на Португалија се првите финалисти на Европското првенство во Франција откако предводени од Кристијано Роналдо го победија Велс со 2-0.

Иако Роналдо не беше доминантен на теренот во текот на 90 минути во Лион, го постигна првиот и го овозможи вториот гол на својот тим во рок од три минути.
Португалија во финалето (во недела на „Сен Дени“) го чека расплетот од денешниот натпревар во Марсеј од 21:00 часот меѓу домаќинот Франција и актуелниот шампион на светот Германија. 
Португалците го контролираа ритамот во текот на поголемиот дел од натпреварот, но Велс беше повеќе од рамноправен во првите 45 минути, неколку пати се закани по акциите на Герет Бејл.
На стартот на второто полувреме Португалците за краток период успеаја да го нокаутираат противникот. Прво во 50-тата минута по центаршутот на Гереиро, Роналдо фантастично скокна кон втората статива и со глава ја испрати топката под пречката.
Само три минути подоцна беше 2-0. Роналдо шутираше од околу 20 метри, топката во казнениот простор ја пропушти Санчез, но Нани успеа да стигне и да ја проследи зад грбот на Хенеси.
Во продолжението на натпреварот Португалија ја искористи отворената игра на ривалот и создаде уште неколку шанси, Роналдо шутираше преку голот, покрај стативата по новиот добар центаршут, Марио не погоди од 11 метри, а Хенеси со многу среќа го одбрани шутот на Переира.
Од друга страна, Велс беше речиси немоќен, се почувствува изостанувањето на асистентот од претходните пет натпревари, Арон Ремзи, бидејќи Бејл не успеваше сам да организира доволно опасен напад.

Најнови вести