Корисничко име Лозинка Пријави се
28.11.2014

Линдзи Вон подготвена за враќање

Американската скијачка Линдзи Вон изјави дека е подготвена да се врати на патеката, а првата трка ја очекува во Лејк Луиз на петти декември.

Вон, една од најдобрите скијачки на денешницата, го пропушти поголемиот дел на претходната сезона поради тешки повреди на коленото и две операции.
Триесетгодишната Вон поради скинати лигаменти на коленото, ги пропушти и Зимските олимписки игри, 22 месеци нема остварено победа, но е одлучна да продолжи со успесите кога ќе се врати на патеката.
„Последните години, поради повреди, разводот и тоа со кого се забавував, сфатив дека навистина не е важно што мислат другите луѓе. Сега се чувствувам како да сум под помал притисок од претходно. Фокусирана сум на своите цели, своето скијање и не сум загрижена околу тоа што очекуваат другите од мене. И тоа ми помогна, ми даде мир“, изјави Вон.
Вон на Светскиот куп ќе се врати токму на местото каде што оствари најмногу триумфи. Во текот на годините дури 14 пати славеше во Лејк Луиз, што многумина тој скијачки центар почнаа да го нарекуваат „Лејк Линдзи“.
„Подготвена сум за трката. Верувам дека сум неверојатно силна во овој момент. Нозете би можело да ми бидат уште посилни, но работам на тоа. Мислам дека сум во добра форма, се чувствувам удобно и брзо, тоа е најважното“, додаде Американката.
Четирикратната освојувачка на Светскиот куп изјави дека сака да ја темпира формата за Светското првенство, кое ќе се одржи во Бивер Крик и Вејл, каде што пораснала таа, од втори до петти февруари следната година. Вон, исто така, размислува и долгорочно и планира да се натпреварува и за Зимските олимписки игри во Пјонгчанг во 2018 година.
„Ми беше тешко да ги гледам игрите во Сочи. Поради тоа што скијав на таа патека две години претходно, цело време размислував што би било кога би било. Навистина ми е потребна уште една шанса на Олимписките игри. На претходните игри навистина не сум знаела што да работам, бев млада. Сега чувствувам дека може да блеснам на големите натпреварувања и повторно ја сакам таа шанса“, додаде Вон, која освои само два медали на Олимписките игри, од кои еден златен во спуст во 2010 година во Ванкувер.
Светскиот куп во конкуренција на скијачите продолжува претстојниот викенд во Аспен, каде што на програмата се трките во велеслалом и слалом.