Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
09.8.2018

Еве како се промени Премиер лигата од 1992 година до денес

На еден ден до почеток на 27 издание во најсилната англиска лига, ви носиме неколку интересни факти

Можеби највозбудливото фудбалско првенство во светот, англиската Премиерлига е пред самиот старт. Утревечер на „Олд Трафорд“ започнува новото, 27 издание на Премиер лигата, а ќе играат Манчестер Јунајтед и Лестер.
 Најсилната англиска лига во 1992 година реши да направи некои измени, а меѓу тие измени беше и промената на името, па сега речиси три децении е позната како Премиер лига. И во овој поминат период неверојатно е колку многу работи се сменети во овој шампионат. 
Првата сезона на Премиер лигата стартуваше со 22 клубови, а сега има 20 екипи кои се борат за тронот. Само девет клубови беа дел од првата сезона, а и сега ќе играат во шампионатот кој треба да започне. Тоа се: Арсенал, Челзи, Кристал Палас, Евертон, Ливерпул, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Саутемптон и Тотенхем. 
Од клубовите кои беа дел од првата Премиер лига во 1992 година, Астон вила, Блекбурн, Ипсвич, Лидс, Мидлсбро, Норич, Нотингем Форест, КПР, Шефилд Венсдеј и Шефилд Јунајтед ќе играат во Шампионат лигата. Ковенри е во третата лига, а Олдам е дел од четвртото по ранг натпреварување во земјата. Вимблдон кој играше во 1992 година, згасна во 2004 година. 


ТОГАШ ИМАЛО САМО ДЕВЕТ СТРАНЦИ, СЕГА ТИЕ СЕ ДОМИНАНТНИ
На денот кога стартувала Премиер лигата во 1992 година, имало само 13 странци во лигата. Тоа се играчи кои не биле дел од Кралството на Велика Британија или играчи од Република Ирска. Меѓу најпознатите странци тогаш беа Питер Шмајхел и Ерик Кантона. 
За разлика од пред 27 години, сега во Премиер лигата, странците се доминантни. На последното пребројување, биле забележани 220 англиски фудбалери и дури 356 странци. Најдоминантни се тие од Франција (33 играчи) и Шпанија (32). 


ПРЕД 27 ГОДИНИ СИТЕ ТРЕНЕРИ БИЛЕ ДОМАШНИ
Сите 22 клуба во 1992 година на клупата имале домашни тренери. Англичани биле 16, четворица биле Шкоти и по еден од Велс и Ирска. Сезонава ситуацијата е сосема поинаква. Само четворица англиски тренери ќе започнат во Премиер лигата и тие се на клупите на Борнмут, Барнли, Кардиф и Кристал Палас. Ќе има и по еден Велшанец и Ирец. 
Од странските менаџери најмногу ги има од Шпанија, дури четворица. Емери во Арсенал, Бенитез во Њукасл, Гвардиола во Манчестер Сити и Хави Гарсија во Ватфорд. Португалци се тројца, а има и Аргентинец, Чилеанец, Французин, Германец, Италијанец, Србин и Американец.


СОПСТВЕНИЧКАТА СТРУКТУРА Е ПРОМЕНЕТА
Во 1992 година сите клубови биле во домашна сопственост. Сега ситуацијата е многу поинаква. Само пет премиерлигаши имаат 100 отсто англиски капитал. Тоа се: Брајтон, Барнли, Хадерсфилд, Њукасл и Тотенхем. Кинезите го „држат“ Вулверхемптон и Саутхемптон, Манчестер јунајтед, Арсенал и Ливерпул се во сопственост на Американци, Евертон е на Иранецот Фахад Мошири, Италијанецот Поцо е главен во Ватфорд. Во Кардиф управува малезиска структура, Челзи е на Русинот Роман Абрамович, а во Премиер лигата има капитал дури и од Пакистан. 


ОД 18:7 ЗА ЛИВЕРПУЛ, СЕГА Е 20:18 ЗА МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД
Во 1992 година убедливо најтрофеен тим во англиското првенство беше Ливерпул. Тимот од „Енфилд Роуд“ имаше освоено 18 титули, а потоа следуваше Арсенал со 10, Евертон со 9 и Астон Вила и Манчестер Јунајтед со по 7 трофеи. 
Формирањето на Премиерлигата, како да значеше и почеток на една нова ера. Ливерпул ниту еднаш во овие 27 години не стана првак, а доминантен е Манчестер Јунајтед. „Црвените ѓаволи“ предводени од легендарниот менаџер Сер Алекс Фергусон, освоија дури 13 титули и сега тие се рекордери по бројот на титули. Во своите витрини на „Олд Трафорд“ има 20 шампионски пехари. 
Токму Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ ја отвора новата 27-ма по ред сезона во Премиерлигата против Лестер, тимот кој го направи најголемото изненадување во овој период, кога успеа да стане шампион во 2016 година.

 

Најнови вести