Корисничко име Лозинка Пријави се
01.3.2018

Гриезман со четирите гола ѝ испрати порака на Барселона

Фудбалерите на Атлетико Мадрид со убедливата победа против Леганес со 4-0 во 26-тото коло на Примера лигата го најавија неделното дерби против Барселона на „Камп ноу“.

Блескаше четирикратниот стрелец Антоан Гриезман, кој во четири дена постигна дури седум погодоци.
Францускиот репрезентативец серијата ја отвори уште во 26-тата минута, кога ја искористи одличната асистенција на Коке и ги казни гостите коишто не ги искористија двете одлични шанси.
Во 11-тата минута Ерасо топката ја испрати покрај голот, во 22-рата Гумбау ја погоди пречката, а во продолжението на акцијата ударот на Габриел од линијата на голот го исфрли Филипе Луис.
Гриезман во 36-тата минута со убавиот погодок од слободен удар ја зголеми предноста на Мадриѓаните на 2-0, а одличната вечер ја круниса со уште два гола во продолжението, во 56-тата и во 67-мата минута.
Диего Симеоне, тренерот на „јорганџиите“ набрзо неговиот најдобар стрелец го извлече од теренот за да го поштеди за дербито на „Камп ноу“, а шанса доби Диего Коста.
Интересно е тоа што Гриезман од почетокот на сезоната до крајот на декември минатата година во Примера лигата постигна пет погодока, три асистенции и ниедна статива, а во новата година веќе даде десет гола и по четири асистенции и статива.
Барселона денес ќе гостува кај Лас Палмас, а во недела дербито се игра во 16.15 часот.
Еибар по двата врзани порази, на домашен терен го победи Вилјареал со 1-0, со голот на Кике во 16-тата минута од средбата.

Најнови вести