Корисничко име Лозинка Пријави се
21.8.2016

Нејмар за прво фудбалско олимписко злато за Бразил

Фудбалерите на Бразил го освоија своето прво олимписко злато со триумф над Германија по подобро изведување на пенали, 5-4, откако регуларниот дел од натпреварот заврши 1-1.

Бразилците со оваа победа на „Маракана“ барем малку им се одмаздија на Германците кои пред две години во Бело Хоризонте им го нанесоа еден од најболните порази во историјата, 7-1.
Дека нема да има реприза на тој пораз навести Нејмар со одличен слободен удар во 27-ата минута, но Макс Мејер по 15 минути во второто полувреме го израмни резултатот. До крајот немаше голови, па за олимпиското злато се решаваше со пенали.
Нејмар повторно беше во центарот на вниманието во последната пенал серија. По осум прецизни удари од 11 метри, Вевертон го одбрани ударот на Нилс Петерсен во петтата серија, а потоа на сцената стапи новиот херој на бразилскиот фудбал.
Нејмар со прецизен удар на својата земја ѝ го донесе трофејот кој никогаш не го освоила, иако досега пет пати Бразил бил светски шампион. Бразилците дури трипати губеле во финалињата на олимписките турнири, а имаат и два бронзени медали.

Најнови вести