Корисничко име Лозинка Пријави се
15.9.2015

Стартува новата трка за „ушлестиот“ пехар во Лигата на шампионите

Најдобриот европски фудбал се враќа на терените ширум Стариот континент, по три месеци почнува новата сезона на Лигата на шампионите.

Бранителот на титулата, екипата на Барселона мирно ќе ги изгледа првите осум натпревари во групите А, Б, Ц и Д, каде што нè очекуваат неколку дуели на сериозни европски тимови, но и на дебитанти и повратници во елитното натпреварување коишто сакаат да ги уловат петте минути слава и да докажат дека се достојни за фудбалската елита.
Во последните девет години ПСЖ изгубил само еден натпревар на „Паркот на принцовите“, и тоа минатата година во четврт-финалето на Лигата на шампионите, кога Барселона победи со 3-1. Француските медиуми наведуваат дека Лоран Блан ќе го има на располагање Ибрахимовиќ, а подготвени се Анхел ди Марија и Хавиер Пасторе.
Посебна битка ќе води Шахтар од Донецк. Клубот од државата која е во војна оди на мегдан со Реал од Мадрид. Мадриѓаните со новиот тренер Рафаел Бенитес сакаат да стигнат до врвот на Европа, а и покрај објективните сомневања во квалитетите на шпанскиот стручњак, тој знае како се работи тоа, да се потсетиме на 2005 година.
„Ние не сме во најлесната група, како што мислат многумина. Сметам дека Шахтар е голем клуб со многу искусниот тренер Луческу, кој секогаш се обидува да дофати високи цели, дури и со нови играчи коишто постојано доаѓаат во Донецк“, изјави Бенитес.

Волфсбург имаше спектакуларна сезона во Бундеслигата, крунисана е со пласман во Лигата на шампионите, а натпреварувањето го почнува против ЦСКА од Москва. Германците се плашат од рускиот напад, а од таборот на „армејците“ изјавуваат дека ќе се соочат со екипа на која мора да ѝ се спротивстават во најдобро издание.
Тренерот на ПСВ, Филип Коку, кој по седум години се враќа во Лигата на шампионите, изјави дека неговите фудбалери не треба да се плашат од претстојниот натпревар против Манчестер јунајтед.
„Го цениме секој противник, но не се плашиме. Манчестер е врвен тим, но тоа не значи дека немаме шанси. Мораме да пружиме и повеќе од нашиот потенцијал, само така се остваруваат големи резултати. Ако не го направиш тоа, тогаш работите стануваат потешки. Деталите се поважни во вакви натпревари“, изјави Коку.
На другата страна, Јунајтед ќе игра без капитенот Вејн Руни и суспендираниот Матео Дармијан, а емотивни моменти ќе доживее оспоруваниот менаџер на англискиот тим Луис ван Хал. Ќе се обиде да ги убеди навивачите на Јунајтед дека навистина знае што работи, а во тоа ќе мора да му помогне најскапото засилување ова лето, младиот Французин Антони Мартијал.

Најнови вести