Корисничко име Лозинка Пријави се
27.3.2013

Манчестер јунајтед со приватни авиони ги прибира играчите

Алекс Фергусон, тренерот на Манчестер јунајтед, рече дека клубот изнајмил приватни авиони за да може неговите фудбалери навреме да се вратат во Англија по натпреварите во квалификациите за Светското првенство 2014 година.

Манчестер јунајтед во период од 48 часа игра два тешки натпревари – првиот против Сандерленд во сабота, во Премиер лигата, додека во понеделник ќе го игра повторениот натпревар од четврт-финалето на ФА купот против Челзи.
Фергусон може ќе ги одмори главните играчи за натпреварот со Сандерленд, но сака сите играчи навреме да се вратат во клубот, меѓу кои и Шинџи Кагава кој играше за јапонската репрезентација во Јордан и Хавиер Ернандес од Мексико.
„Како што се приближува крајот на сезоната, важно е сите играчи да бидат свежи. Мојата улога е уште поважна, бидејќи морам да го изберам вистинскиот тим кој ќе може квалитетно да одигра. Некогаш не е неопходно да го изберете најдобриот тим, туку најсвежиот“, изјави Фергусон за британските медиуми.
„Тоа ќе биде голем проблем кога играчите по долго патување со авион ќе се вратат од својата репрезентација, откако одиграле по два натпревари. Посебно мислам на Чичарито, кој е во Мексико, и на Кагава, кој ќе допатува од Јордан. Поради тоа средивме некои од играчите да се вратат со приватни авиони, за да бидеме сигурни дека ќе стигнат брзо и без проблеми“, додаде менаџерот на Јунајтед.
Фергусон истакна дека играчите коишто не играле за своите репрезентации, како што се Немања Видиќ, Рајан Гигс, Андерсон и Рафаел, ќе бидат клучни во претстојните натпревари.

Најнови вести