Корисничко име Лозинка Пријави се
04.9.2018

Николов: Фаворити сме против Гибралтар, но не смееме никого да го потцениме

Бобан Николов игра во одлична форма во Мол Види, на дербито со Ференцварош постигна прекрасен гол, а сега веќе е насочен кон обврските во репрезентацијата на Македонија, со која очекува стартна победа во Лигата на нациите против Гибралтар

Тандемот од златната генерација младинци, Бобан Николов и Висар Муслиу, сега како сениорски репрезентативци се оптимисти и веруваат во сигурна победа на нашата А селекција против Гибралтар. Македонија е апсолутен фаворит за победа на стадионот „Викторија“ задутре од 20.45 часот.
„Двата први натпревари, и против Гибралтар и против Ерменија, се многу важни. За нас ова е голем предизвик, но треба да одиме чекор по чекор кон првото место. Сега се фокусираме на мечот против Гибралтар, а многу е важно да почнеме со победа. Очекувам добар натпревар, треба да влеземе максимално подготвени. Реално, ние сме фаворити, но не треба да потцениме ниедна репрезентација, затоа што фудбалот носи секакви изненадувања“, изјави Николов за официјалната интернет-страница на ФФМ.
Со него во Полска, како дел од историската генерација младинци кои за првпат играа на Европско првенство, беше и Висар Муслиу, сега стандарден стопер на А селекцијата. И тој очекува победа и први три бода во новоформираното натпреварување, Лигата на нациите.
„Знаеме дека нема лесни натпревари и така ќе се однесуваме и на дуелот со Гибралтар. Не го знаеме нивниот квалитет, но имаме доволно време да анализираме и да ги забележиме нивните слаби страни, а во четврток да славиме прва победа“, вели Муслиу. 
Три дена подоцна во Скопје ќе играме против Ерменија, селекција која ќе ни биде главен ривал за првото место во четвртата група од сегментот Д во Лигата на нациите.

 

Најнови вести