Корисничко име Лозинка Пријави се
17.8.2018

Кадетите сакаат против БиХ да ја завршат работата

Ќе дочекаме ли по цела деценија една младинска репрезентација да игра на елитно Европско првенство?

Македонската репрезентација за играчи до 16 години нема многу време за радост по синоќешниот голем триумф над Романија бидејќи веќе денеска, од 18.45 часот го игра најважниот натпревар на Европското првенство Б дивизија – полуфиналето против домаќинот Босна и Херцеговина. 
Босанците без пораз дојдоа до полуфиналето, а и ќе бидат нешто поодморени, со оглед на тоа дека Македонија четврт-финалето го играше синоќа, речиси до 23 часот, додека денеска во салата „Сабит Хаџиќ“ во Сараево треба да игра од 18.45. „Црвено-жолтите“ имаат само 20 часа да се подготват за историското полуфинале. 
Но, од таборот на селекторот Александар Јованчев најавуваат дека одат на победа, која би значела пласман во А дивизија и в година Македонија би била меѓу 16-те најдобри во Европа во оваа возрасна категорија. Од четирите полуфиналисти, три одат во А дивизија. 
„Заморот си го прави своето, дуелот со Романија го одигравме во малку побавен ритам. Сепак, одигравме максимално, ја променивме играта во одбрана, за разлика од претходните три натпревари, и Романците не се снајдоа. Бевме смирени во последната минута, и тоа ме прави многу среќен. Имаме две меч-топки, ние бираме да ја искористиме првата“, вели селекторот.