Корисничко име Лозинка Пријави се
01.8.2018

Јунајтед фаворит за потписот на Вилијан

Светските обложувалници типуваат, Вилијан ќе биде новото засилување на Манчестер јунајтед.

Манчестер јунајтед е фаворит за потписот на офанзивниот фудбалер на Челзи, Вилијан, според светските обложувалници. Бразилецот ова лето се најде на трансфер-пазарот и беше желба на повеќе европски гиганти, како Реал Мадрид и Барселона, но англиските медиуми велат дека негова следна дестинација ќе биде „Олд Трафорд“. Иако Челзи претходно ги одби сите понуди за нивниот ас, новиот менаџер Маурицио Сари, наводно, би се согласил да се ослободи од услугите на Вилијан доколку добијат понуда од 70 милиони фунти.
Мурињо и пред почетокот на минатата сезона се обидуваше да го убеди Вилијан да го замени синиот дрес со оној на „црвените ѓаволи“, меѓутоа челниците на Челзи ги одбија сите понуди од нивниот ривал. 
Португалскиот стратег пред неколку дена изјави дека не е задоволен од активноста на неговиот клуб на трансфер-пазарот, а ново лице во составот е само Фред, кој пристигна од украинскиот клуб Шахтар непосредно пред почетокот на Светското првенство. Токму затоа управата одлучи да му ја исполни желбата на Мурињо во последните денови од трансфер-пазарот во Премиер лигата.
Учесниците на најсилното англиско фудбалско првенство имаат уште десет дена рок за ангажмани, па се очекува бурен завршеток на летниот трансфер-период.

Најнови вести