Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
25.4.2018

Класико во Минхен: Баерн и Реал по 25-ти пат во Европа

Судирот меѓу Баерн од Минхен и Реал Мадрид во полуфиналето на Лигата на шампионите е најголемо европско класико на клубовите со вкупно дури 17 шампионски титули на Европа.

Трофејната ризница и големото ривалство на двата гиганти гарантира два спектакли во борбата за финалето во Киев.
Само што легнаа минатогодишните впечатоци од четврт-финалето, кога Реал славеше против Баерн со вкупен резултат 6-3 по контроверзните одлуки на судијата, на ред е нивната 25-та средба.
Двократниот последователен шампион на Европа само во Лигата на шампионите има шанса да ја спаси сезоната во која одамна остана без ниеден национален пехар, за разлика од Баерн, кој се прошета низ Германија.
„Мислам дека ако два пати бевме шампиони, зошто не би биле пак“, самоуверено изјави Даниел Карвахал, десниот бек на Реал.
Во центарот на вниманието ќе биде и Јуп Хејнкес, тренерот на Баерн, освојувачот на последниот пехар на тој тим во Лигата на шампионите во 2013 година, но и човекот кој и на Реал му го донесе трофејот во 1998 година, кој ја завршува последната сезона во кариерата.
„Само Реал ми е во мислите... Нè очекува вистински гигантски дуел, два тима со голема традиција во европскиот фудбал со атрактивен стил на игра“, изјави Хејнкес.
Главна задача на Хејнкес ќе биде да го сопре најдобриот фудбалер на светот Кристијано Роналдо, стрелецот на секој натпревар во Лигата на шампионите оваа сезона и рекордер на тоа натпреварување со 120 постигнати гола.
Дуелот во Минхен се игра вечерва, во стандардниот термин од 20.45 часот.

Најнови вести