Корисничко име Лозинка Пријави се
17.4.2018

Родригес: Роналдо е машина, но не е непобедлив

Полуфиналниот натпревар од Лигата на шампионите меѓу Баерн од Минхен и Реал од Мадрид за еден од играчите на баварската екипа ќе биде посебен. Џејмс Родригес, кој минатото лето од Примера лигата направи трансфер во Бундеслигата, ќе игра против клубот во којшто беше член до неодамна, а кој на две години го испрати на заем во германската екипа.

За неговото време поминато во Мадрид, Џејмс во интервју за „АС“ изјави:
„Двата натпревари ќе бидат посебни за мене. Во Реал бев три години, таму имам пријатели и убави спомени од тоа време. Сега размислувам само за својот клуб и за тоа како можеме да го поразиме Реал. Сакам со својот квалитет да ѝ придонесам на својата екипа и да ѝ помогнам колку што е тоа во моја моќ да стигнеме до Киев“, изјави Џејмс.
„Баерн не мора да се крие. Клубот многу пати покажа како се игра против Реал“, додаде Колумбиецот.
Но, последните две средби меѓу тие два клуба не останаа во најубав спомен за Германците. Во минатогодишните натпревари од четврт-финалето на елитното европско натпреварување Баерн беше поразен со резултат 2-1 и 4-1, што за „баварците“ воедно значеше крај на европското патешествие.
Пет од вкупно шест постигнати гола на споменатите натпревари ги постигна ѕвездата на кралскиот клуб, Кристијано Роналдо. Џејмс изјави дека е убеден дека најдобриот фудбалер на светот не е непобедлив.
„Роналдо е машина за давање голови, што многу пати досега го потврди. Бројките зборуваат за себе. Се надевам дека ќе имаме добар ден кога ќе играме против Реал и дека ќе успееме да се одбраниме, па дека тој нема да има толку добро издание“, додаде 26-годишниот фудбалер.
„Реал не е само Кристијано. На сите позиции имаат одлични играчи. Нема да биде лесно“, изјави Родригес.
Реал Мадрид е првиот клуб кому му тргнало од рака да ја одбрани Лигата на шампионите. Екипата од главниот град на Шпанија ја освои титулата на Лигата на шампионите во изминатите две години по ред.
Кога е во прашање Примера лигата, Реал со 67 освоени бода ја зазема третата позиција, а во однос на првопласираната Барселона заостанува со 15 бода.

Најнови вести