Корисничко име Лозинка Пријави се
21.2.2018

Меси го „скина“ малерот наречен Челзи, Баерн со пет гола до четврт-финалето

Челзи и Барселона одиграа нерешено 1-1 во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите, додека Баерн Минхен со пет погодоци го испрати Бешикташ и веќе обезбеди пласман во следната фаза.

„Сините“ во Лондон водеа со погодокот на Вилијан, но важен гол во гости за Барселона постигна Лионел Меси, кој дури во деветтиот дуел успеа ја затресе мрежата на Челзи.
На „Стемфорд бриџ“ домаќинот иницијативата им ја препушти на Каталонците и им се закануваше од контра и полуконтра, што на ваков мал терен е исклучителна тактика. Играчите на Челзи имаа контрола, но немаа среќа – Вилијан два пати ја погоди стативата, Азар во неколку наврати беше непрецизен и Барса се одбрани во првите 45 минути.
По малку повеќе од еден час игра, трета среќа имаше бразилскиот играч за врска. Корнерот брзо го изведоа Фабрегас и Азар, Белгиецот го пронајде Вилијан на работ на казнениот простор, тој со дриблинг се ослободи од Бускетс и фантастично погоди во долниот десен агол за 1-0.
Десетина минути подоцна, Меси го постигна неговиот прв погодок против „сините“, најмногу благодарение на големата грешка на Кристенсен. Дефанзивниот играч на домашната екипа попречно додаде, тоа го пресече Иниеста воедно ослободувајќи се од чуварот, потоа топката ја врати до Меси, кој рутински погоди блиску до аголот – 1-1.
Тоа беше конечниот резултат на натпреварот и екипата на Ернесто Валвереде пред реваншот ќе има предност поради голот во гости.
Во Минхен немаше дилеми уште од 16-тата минута, кога Бешикташ остана со играч помалку поради исклучувањето на Домагој Вида. Баварците го искористија тоа и со погодоците на Томас Милер, Кингсли Коман и Роберт Левандовски, кои до врв ја наполнија мрежата на ривалот, Баерн во Минхен славеше со 5-0.
Реванш-натпреварите се играат во среда, на 14-ти март, во 18 часот во Истанбул, односно во 20.45 во Барселона.

Најнови вести