Корисничко име Лозинка Пријави се
12.9.2017

Почнува Лигата на шампионите: Реприза на финалето од 2015 на „Камп ноу“

Новата сезона во Лигата на шампионите почнува денес, а првиот ден на натпреварувањето ќе го одбележи дуелот во групата Д меѓу Барселона и Јувентус.

Двете екипи се сретнаа минатата сезона, кога во четврт-финалето поуспешен беше италијанскиот клуб, кој стигна до финалето, каде што беше поразен од големиот ривал на Барселона, Реал Мадрид.
Јувентус и Барселона го играа и финалето од Лигата на шампионите во 2015 година, кога поуспешен беше шпанскиот тим и со победата од 3-1 го освои својот петти и последен трофеј шампион на Европа.
Меѓусебниот скор е израмнет - и двата клуба на девет натпревари имаат по три победи со три нерешени резултати.
Барселона ќе биде фаворит на својот стадион во натпреварот кој почнува во стандардниот термин во 20.45 часот. Каталонскиот клуб нема пораз во Лигата на шампионите на „Камп ноу“ од септември 2013 година, а серијата трае 21 натпревар.
Италијанскиот тим ќе биде значајно ослабен поради неиграњето на повредените Џорџо Кјелини и Марио Манџукиќ, а право на настап нема и Хуан Куадрадо поради црвениот картон кој го доби во минатото финале.
Покрај Јувентус и Барселона, во групата Д се уште и Олимпијакос и Спортинг Лисабон, кои ќе играат во Пиреја, а тоа ќе биде нивен прв меѓусебен дуел.
Манчестер јунајтед се врати во Лигата на шампионите откако минатата сезона триумфираше во Лигата на Европа. Англискиот клуб во првото коло од групата А ќе игра против Базел, кој осум пати по ред е шампион на Швајцарија, но не би требало да има поголеми проблеми, иако Базел последните два пати замина непоразен од Манчестер.
Одбранбената линија на Јунајтед ќе биде значајно ослабена бидејќи поради суспензија право на настап немаат Фил Џонс и Ерик Бејли.
Манчестер јунајтед нема пораз на последните 18 европски натпревари кои ги играше како домаќин, а последниот пораз му е од Реал Мадрид во 2013 година.
Базел нема победа на последните осум натпревари во Европа, а минатата сезона беше четврти во групната фаза на Лигата на шампионите.
Бенфика ќе се обиде трет пат по ред да ја помине групата, а прв ривал ќе ѝ биде ЦСКА Москва.
Шампионот на Англија, Челзи по паузата од една сезона, се врати во Лигата на шампионите и на стартот во групата Ц ќе го пречека дебитантот Карабаг од Азерберјџан.
Покрај нив, во таа група се и Рома и Атлетико Мадрид, кои ќе играат во Рим.
Германскиот шампион Баерн Минхен првиот натпревар во групата Б ќе го игра на свој терен против Андерлехт.
Селтик во Глазгов ќе го пречека богатиот ПСЖ, кој беше најголем купувач во летниот преоден рок, доведувајќи ги Нејмар и Килијан Мбапе.
Сезоната во Лигата на шампионите ќе трае до 26-ти мај кога на „Олимпискиот стадион“ во Киев ќе се игра финалето.

Најнови вести