Корисничко име Лозинка Пријави се
07.8.2017

Историска трка во Лондон: Гетлин го симна Болт од тронот

Американскиот спринтер Џастин Гетлин го освои златниот медал на трката на 100 метри на Светското првенство во Лондон пред светскиот рекордер Јусеин Болт на неговата последна трка.

Гетлин низ целта мина за 9,92 секунди и со 35 години е најстариот спринтер кој станал светски шампион на 35 метри.
Сребрената медала ја освои неговиот земјак Кристијан Колмен со резултат 9,94 секунди.
Светскиот рекордер и неколкукратен олимписки и светски шампион, Јамајќанецот Јусеин Болт финалето го заврши на третото место со време од 9,95 секунди.
Болт исто како и во квалификациските трки и во полуфиналето слабо стартуваше во финалето и не успеа да ги стигне конкурентите и да освои ново светско злато, четврто на 100 метри, во својата последна индивидуална трка во кариерата.
И покрај тоа за повеќе од 60.000 гледачи на Олимпискиот стадион во Лондон Болт беше херој на вечерта. Целиот стадион го извикуваше неговото име додека го трчаше почесниот круг.
Гетлин, кому поголем дел од публиката му свиркаше, после трката клекна пред Болт.
„Тешко е да се биде тажен со оглед на поддршката која ми ја пружи публиката. Одлично е чувството и ја ценам љубовта која навивачите секогаш ми ја пружаа. Ова е мој прв бронзен медал. Малку сум разочаран. Дадов сè од себе и среќен сум поради тоа што го добив“, изјави Болт.
„Стартот ме уби. Сам си наметнав притисок. Знаев дека ќе имам проблеми ако не влезам рано во трката и мислам дека премногу се оптоварив со тоа. Се обидов да се вратам што побргу во трката, но тоа не беше доволно“, додаде Болт.
„Тоа беше грубо. Го отслужи своето. Отсекогаш го почитував како противник. Во текот на годините напорно работеше и еден од најдобрите со кои сум се натпреварувал. Му беше тешко. Покажа дека е вистински натпреварувач со тоа што излезе на патеката и победи“, изјави Болт за победникот Гатлин.