Корисничко име Лозинка Пријави се
19.4.2017

Луис Енрике: Останете и по 80-тaта минута

Луис Енрике, тренерот на Барселона, на конференцијата пред реваншот од четврт-финалето на Лигата на шампионите малку го изненади Јувентус со изјавата во која самоуверено зборуваше за натпреварот.

Шпанскиот тим мора да го надополни заостанувањето со три гола од гостувањето во Торино, но тренерот на Барселона изјави дека не смета дека тоа е голем проблем.
„Ќе дадеме сè од себе до крајот, ја имавме таа ноќ против ПСЖ и сега имаме шанса уште еднаш да доживееме историска ноќ. Немаме што да изгубиме, единствена опција е да напаѓаме, да напаѓаме и да продолжиме да напаѓаме“, изјави Енрике.
Шпанецот додаде дека верува во неговиот тим и во предноста на стадионот и на навивачите, коишто успеаја да докажат дека може да бидат шанса на страната на Каталонците.
„Ако ние го постигнеме првиот гол, ‘Камп ноу’ ќе го постигне вториот, а третиот сам ќе дојде. Веќе ја видовме Барса како постигнува три гола за пет минути, така што сè е можно. Ги молам навивачите да не го напуштаат стадионот по 80-тата минута“, самоуверено изјави Енрике.
Причина за ваквата самодоверба и покрај големото заостанување, секако, е победата над ПСЖ, кога по дебаклот од 0-4 во Париз, ги декласираа Французите со 6-1 на нивен терен.
„Овој пат мора да постигнеме помалку голови од тогаш со оглед на резултатот, но бидејќи Јувентус исто така може да постигне гол, наша цел се пет погодоци“, додаде Шпанецот.
Масимилијано Алегри, тренерот на Јувентус, изјави дека неговиот тим сака да постигне два гола на „Камп ноу“ и со тоа да го реши прашањето кој ќе биде победник во овој двомеч.
„Ако тој вели така, тогаш јас морам да ги променам своите пресметки, сега наша цел се шест погодоци“, шеговито изјави тренерот на Барселона.

Најнови вести