Корисничко име Лозинка Пријави се
22.2.2017

Жардим: Шоу за навивачите, далеку од завршено

Леонардо Жардим, тренерот на Монако, изјави дека непогодениот пенал на Радамел Фалкао е клучниот момент на натпреварот со Манчестер сити во Лигата на шампионите.

Фудбалерите на англискиот клуб го совладаа Монако со 5-3 во првата средба од осминафиналето, иако „кнезовите“ водеа со 1-2 и 2-3.
Фалкао при водство од 1-2 имаше шанса да постигне гол од белата точка, но на двократниот стрелец на овој натпревар голманот на домаќинот Вили Кабалјеро му го одбрани слабиот шут.
„Направивме неколку грешки во одбраната и казнети сме. Клучниот момент на натпреварот беше кога можевме да поведеме 3-1. Монако одигра одличен натпревар, морам да им честитам на своите играчи“, изјави Жардим.
Тренерот на Монако додаде дека сепак уживал во натпреварот.
„Ова е можеби еден од највозбудливите натпревари во Лигата на шампионите оваа сезона. За навивачите, секако. Ова беше одличен натпревар за навивачите. Верувам дека сите се среќни што беа сведоци на таков спектакл“, додаде тренерот на Монако.
Португалецот изјави дека во двомечот и понатаму сè е отворено.
„Напорно работевме да приредиме шоу бидејќи сме страсни љубители на фудбалот и сакавме да им приредиме задоволство на навивачите. Да се постигнат три гола во Манчестер против Сити е големо шоу. Ова беше фантастичен натпревар. Имаме уште 90 минути, играме дома и ова е далеку од завршено“, изјави Жардим.

 

Најнови вести