Корисничко име Лозинка Пријави се
26.8.2016

Лига на шампиони: Барселона со Сити, среќа за Лестер

Во форумот „Грималд“ во Монако беше одржана ждрепката за групната фаза на Лигата на шампионите.

Титулата во најелитното клупско натпреварување ја брани единаесеткратниот шампион на Европа, Реал Мадрид.
Овој пат, за разлика од речиси секоја година, не ја добивме популарната група на смртта, бидејќи главните фаворити рамномерно се распоредени низ групите.
Како најквалитетни се истакнуваат групите А и Ц. Во првата, покрај шампионот на Франција, ПСЖ, се и: лондонскиот Арсенал, швајцарскиот Базел, односно бугарскиот Лудогорец, додека во другата се: шампионот на Шпанија, Барселона, Манчестер сити, Менхенгладбах и шампионот на Шкотска, Селтик од Глазгов.
Доста среќа на ждрепката имаше и владетелот на Премиер лигата Лестер, кој за втората фаза ќе се бори со: португалскиот Порто, белгискиот Клуб Бриж и данскиот Копенхаген.
Интересно ќе биде во групата Ф, каде што се: Реал од Мадрид, вицешампионот на Германија, Борусија од Дортмунд, шампионот на Португалија, Спортинг од Лисабон и Легија од Варшава, додека Динамо од Загреб за ривали во групата Х ќе ги има: шампионот на Италија, Јувентус, освојувачот на Лигата на Европа, Севилја, односно второпласираниот тим на Франција, Олимпик од Лион.

Група А: ПСЖ, Арсенал, Базел, Лудогорец
Група Б: Бенфика, Наполи, Динамо Киев, Бешикташ
Група Ц: Барселона, Манчестер сити, Менхенгладбах, Селтик
Група Д: Баерн Минхен, Атлетико Мадрид, ПСВ Ајндховен, Ростов
Група Е: ЦСКА Москва, Баер Леверкузен, Тотенхем, Монако
Група Ф: Реал Мадрид, Борусија Дортмунд, Спортинг Лисабон, Легија
Група Г: Лестер, Порто, Клуб Бриж, Копенхаген
Група Х: Јувентус, Севилја, Олимпик Лион, Динамо Загреб

Првото коло на Лигата на шампионите на програмата е на 13-ти и 14-ти септември, второто се игра на 27-ми и 28-ми, третото на 18-ти и 19-ти октомври, четвртото на први и втори ноември, петтото на 22-ри и 23-ти, а последното, шесто на шести и седми декември.
Во нокаут-фазата ќе се пласираат по два најдобри тима од сите осум групи, ждрепката е на 12-ти декември, а првите натпревари на средината на февруари 2017 година.
Финалето на Лигата на шампионите за сезоната 2016/17 е на трети јуни на стадионот „Милениум“ во Кардиф.

Најнови вести