Корисничко име Лозинка Пријави се
11.12.2015

Бензема е исфрлен од репрезентацијата

Напаѓачот на Реал Мадрид Карим Бензема е исфрлен од репрезентацијата на Франција, соопшти претседателот на Фудбалскиот сојуз на Франција Ноел ла Гре.

Бензема е суспендиран од националниот тим поради наводното уценување на соиграчот од селекцијата Матје Валбуена.
Фудбалерот на почетокот на минатиот месец беше приведен поради сомневање дека е вмешан во уценувањето на Валбуена околу компромитирачката видео снимка, а му се заканува и максимална затворска казна од пет години.
Бензема неодамна изјави дека само сакал да помогне, дека преку својот пријател сакал да посредува меѓу Валбуена и уценувачот. Меѓутоа Валбуена смета дека тој имал други намери.
„Одлучив дека Бензема не е корисен за репрезентацијата. Ова беше тешка одлука“, изјави првиот човек на францускиот фудбал.
Ова е голем удар за „триколорите“ пола година пред почетокот на Европското првенство на кое Франција ќе биде домаќин, бидејќи Бензема е убедливо најдобриот стрелец на репрезентацијата со постигнати 27 голови.
Со неговото исфрлување товарот ќе падне на грбот на Оливие Жиру (13 голови), Андре-Пјер Жињак, Антоан Гриезман (по 6 голови) и Александр Лаказет (1).
Селекторот на Франција, Дидие Дешамп, секако ќе се надева и на младите Антонио Марсијал и Кинглиси Коман кои досега не биле стрелци. Во втор план се очекува резултат и од Набил Фекир, Пол-Жорж Нтеп и повратникот во селекцијата Хатем Бен Арфа.
Бензема има 27 години, репрезентативец е од 2007 година, а за репрезентацијата на Франција има настапено досега на 81 натпревар.

Најнови вести