Корисничко име Лозинка Пријави се
01.10.2015

Роналдо со 500-иот гол го стигна рекордот на Раул!

Кристијано Роналдо, фудбалерот на Реал Мадрид, во триумфот над Малме не го постигна само 500-от гол во кариерата, туку го изедначи рекордот на кралскиот клуб.

Португалскиот фудбалер ги постигна двата гола во победата со резултат 2-0 во натпреварот од второто коло на Лигата на шампионите, што значи дека беше стрелец 501 пат на 753 натпревари, кога ќе се земат предвид клубовите за коишто настапуваше и репрезентацијата.
Триесетгодишниот Роналдо, и понатаму актуелно најдобриот фудбалер на светот, постигна десет голови на последните шест натпревари за Реал и со тоа се изедначи со Раул на листата на најдобри стрелци на мадриѓаните.
Репрезентативецот на Португалија во триумфот над Малме бројот на своите голови во дресот на кралскиот клуб го доведе до 323, колку што постигна и Раул на 741 натпревар додека играше за клубот од стадионот „Сантијаго Бернабеу“. Разликата меѓу Роналдо и Раул е во тоа што на Португалецот му беа потребни помалку од половина број на тие натпревари за да се изедначи со легендарниот шпански фудбалер. Роналдо досега 308 пати го носеше дресот на Реал.
„Пресреќен сум. Сакам да им се заблагодарам на моите соиграчи коишто ми помогнаа да дојдам до овој број голови и да го срушам рекордот во најголемиот клуб на светот. Тоа е голема чест“, изјави Роналдо.
Рафаел Бенитес, тренерот на Реал, изјави дека е неверојатно со која брзина Роналдо стана нов рекордер.
„Го престигна Раул, кој беше феномен, и тоа покажува дека постигнуваше многу голови. Се надевам дека не постои граница за него. Самиот факт за колку време дојде до таквото достигнување му дава вечна вредност“, изјави Бенитес.

Најнови вести