Корисничко име Лозинка Пријави се
15.1.2015

Капело: Меси поголем гениј од Роналдо

Фабио Капело, селекторот на Русија, изјави дека верува дека Лионел Меси, фудбалерот на Барселона, е поголем гениј од Кристијано Роналдо, напаѓачот на Реал.

Но, италијанскиот стручњак изјави дека проблемите коишто Аргентинецот моментно ги има на „Камп ноу“ би можеле да станат уште поголеми во наредните години.
Португалецот во понеделникот ја освои својата трета Златна топка, а Капело не ја исклучува можноста Роналдо да го престигне Меси според бројот на тие престижни награди, бидејќи фудбалерот на каталонскиот клуб моментно ги има четири.
„Може ли Роналдо повеќе пати да ја освои Златната топка од Меси? Тоа е интересна борба. Меси е поголем гениј од Роналдо, но тој има одредени проблеми во својот клуб, коишто може да се зголемат. Кристијано е солиден и ментално многу силен. Сака да стане најдобар во историјата и игра за одличен тим. Сите негови соиграчи му помагаат, а тој за возврат му помага на тимот. Од клучна важност е да имате почитување кон своите соиграчи и секогаш да тренирате добро“, изјави Капело.
Капело, исто така, изјави дека верува дека Меси не би требало да размислува за заминување од Барселона, за што се шпекулираше последните седмици, иако има договор со Каталонците до јуни 2018 година.
„Барселона не би требало никогаш да го продаде Меси. Како некој може да продаде некого што е како Меси? Видов како играше минатиот викенд, не го почна добро натпреварот, изгледаше дека не ужива. И одеднаш се разбуди и беше маестрален. Барселона едноставно не смее да продаде играч каков што е тој“, додаде Капело.

Најнови вести