Корисничко име Лозинка Пријави се
04.4.2011

Мурињо изгуби дома по девет години

Точно 150 натпревари траеше серијата без пораз на Жозе Мурињо и неговите клубови во домашните првенствени натпреварувања.

Тренирајќи ги Порто, Челзи, Интер и Реал Мадрид, Мурињо не изгубил првенствен дуел дома повеќе од девет години. Последниот натпревар во кој Мурињо загуби на домашен терен беше на 23 февруари 2002 година, со пораз (3-2) на неговиот Порто од Беира Мар на „Антас“, поранешниот стадион на Порто. Оттогаш, па сè до поразот на Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“ од Спортинг Хихон со 1-0,  на домашен терен беше непобедлив.

Магијата на најдобриот светски тренер траеше девет години и 150 натпревари, во кои како домаќини неговите фудбалери остварија учинок од 125 победи и 25 ремија.

Подеднакво импресивен беше и резултатот на Реал во оваа сезона, во домашните официјални натпревари. До поразот од екипата на Мануел Пресијадо, Португалецот со својата екипа ги оствари сите победи, вкупно 22. Оваа сезона тимот од Мадрид победи во сите 14 домашни првенствени дуели, во сите четири средби од Кралскиот куп и во сите четири дуели од Лигата на шампионите. Ниту еден натпревар не изгуби, ниту еден не ремизира.

Најнови вести