Корисничко име Лозинка Пријави се
12.4.2018

Зидан: Го заслуживме пласманот, Буфон е голем

Зинедин Зидан, тренерот на Реал Мадрид, изјави дека верува дека неговиот тим, врз основа на сè што беше видено во двата натпревара, заслужил да го елиминира Јувентус во четврт-финалето на Лигата на шампионите.

Реал во Торино славеше со 3-0, а на домашен терен губеше со 3-0 пред Роналдо да го постигне одлучувачкиот гол од контроверзниот пенал.
„Кога ќе примите гол во првите две минути како ние што го примивме, тогаш морате дополнително да запнете и да ја одиграте партијата на животот. Игравме лошо, создававме шанси, но не го контролиравме натпреварот“, изјави францускиот стручњак.
Јувентус и посебно голманот Буфон, кој доби црвен картон, беа бесни по одлуката да се досуди пенал во последната минута од продолжението.
„Не видов, но ми кажаа дека било пенал. Судијата дувна во свирчето и тоа не може да се промени. Мислам дека беше пенал. Сега сме во полуфиналето и повеќе би сакал да зборувам за натпреварот. Јуве играше добро, но ние верувавме до крајот и заслуживме да се пласираме врз основа на тоа што го прикажавме“, додаде тренерот на мадридскиот клуб.
Зидан направи некои изненадувања во стартната постава – Бејл почна пред Бензема, а суспендираниот Рамос го замени 21-годишниот Хесус Валјехо. Велшанецот беше заменет на полувремето.
„Морав да менувам, не бев задоволен од начинот на којшто игравме. Не сакав да го казнам Герет, не ми се допаѓаше како играше целиот тим, ништо лично против него или Каземиро. Не очекував дека рано ќе примиме гол. И ние имавме шанси, не толку во второто полувреме, но и понатаму имаме играчи способни да го променат текот на натпреварот“, изјави Зидан.
Буфон, бунејќи се за досудениот пенал, доби црвен картон.
„Мислам дека не заслужи исклучување, но исто така мислам дека тој црвен картон не анулира ништо од она што го постигна во кариерата. Тој е џин од играч и засекогаш ќе биде тоа“, изјави Зидан.

Најнови вести