Корисничко име Лозинка Пријави се
19.3.2018

Девет голови на „Сантијаго Бернабеу“, „покер“ на Роналдо

Синоќа заврши 29-тото коло на шпанското фудбалско првенство, а многу возбудлив натпревар одиграа актуелниот шампион Реал Мадрид и каталонската Хирона на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ – Кралскиот клуб славеше со резултат 6-3 (1-1).

Навивачите можеа да следат неверојатен натпревар во шпанската престолнина – фудбалерите од Мадрид дојдоа до предност во 11-тата минута со погодокот на Роналдо , по асистенцијата на Тони Крос.
Хирона изедначи во 29-тата минута со голот на Стуани.
Во продолжението на играта следуваше голеада – Реал до 64-тата минута дојде до предност од 4-1 по головите на Роналдо, Лукас и повторно Роналдо. Тоа беше 50-ти хет-трик во кариерата на ефикасниот Португалец.
Стуани повторно постигна гол во 67-мата минута и намали на 4-2, но сите дилеми околу победникот ги отстрани Бејл во 86-тата минута, кога Реал поведе со 5-2.
Потоа имаше уште два гола – Хуанпе во 88-мата минута ја затресе мрежата на Кејлор Навас, а Роналдо со неговиот четврти гол во судиското продолжение го постави конечниот резултат 6-3.
По победата, Реал се наоѓа на третото место на табелата со 60 бода од 29 средби – четири помалку од второпласираниот градски ривал Атлетико, а дури 15 помалку од лидерот на табелата, Барселона.
Хирона ја продолжува одличната сезона и покрај поразот и сега се наоѓа на седмото место со 43 бода.
Во наредното коло Хирона ќе го дочека Леванте, а Реал ќе гостува кај Лас Палмас.
Вчера претходно Вилјареал беше подобар од Атлетико Мадрид, додека Барселона го совлада Атлетик Билбао со 2-0.

Најнови вести