Корисничко име Лозинка Пријави се
08.12.2011

Двата клуба од Манчестер испаднаа од Лигата на шампионите

Фудбалерите на Базел направија вистинска сензација исфрлајќи го Манчестер јунајтед од Лигата на шампионите откако славеа на „Сент Јакоб“ со 2-1.

Базел дојде до неверојатниот успех со головите на Џердан Шаќири и Александер Фрај, а мала надеж за Манчестер јунајтед донесе Фил Џонс во 89-тата минута, но тоа не беше доволно за „црвените ѓаволи“ да се пласираат во нокаут-фазата од Лигата шампионите, па како третопласирана екипа од групата Ц ќе продолжат во Лигата на Европа.
Наполи победи на „Мадригал“ со 2-0 со головите на Инлер и Хамшик и го освои второто место во групата А, елиминирајќи го Манчестер сити, кој со 2-0 го совлада Баерн од Минхен. „Граѓаните“, исто како и нивниот градски ривал, на пролет ќе го продолжат натпреварувањето во Лигата на Европа.
Ова е првпат по сезоната 2003/04 англиската Премиер лига да остане само со два претставници во нокаут-фазата од Лигата на шампионите.
Во 1/16-финалето на најквалитетното натпреварување на УЕФА се пласираа:
Баерн Минхен, Наполи, Интер, ЦСКА Москва, Бенфика, Базел, Реал Мадрид, Лион, Челзи, Баер Леверкузен, Арсенал, Олимпик Марсеј, АПОЕЛ Никозија, Зенит, Барселона и Милан.
Ждрепката за нокаут-фазата ќе се одржи на 16-ти декември, а натпреварите ќе се играат на 14-ти, 15-ти, 21-ви и 22-ри февруари, а реваншите на 6-ти, 7-ми, 13-ти и 14-ти март 2012.

Најнови вести