Корисничко име Лозинка Пријави се
06.4.2017

Џејмс бесен на Зидан, за Французинот тоа е нормално

Џејмс Родригес веќе нема трпение за Зинедин Зидан, кој го извади од игра 20 минути пред крајот на синоќешниот натпревар во Леганес.

Колумбиецот беше стрелец и асистент во победата на Реал Мадрид со 4-2, а беше стартер поради отсуството на Кристијано Роналдо, Герет Бејл и Тони Крос.
Родригес делуваше фрустрирано при напуштањето на теренот, не се поздрави со тренерот, а потоа со дланката удри во ѕидот кога седна на клупата за резервни играчи на Реал.
„Не сум зборувал со него, но нормално е да не сакаш да излезеш од игра и да бидеш на теренот сите 90 минути. Тоа е нешто што често се случува. Така беше и со Карим Бензема. Задоволен сум од Џејмс, неговата лутина е нормална. Јас работите ги работам за доброто на тимот, го разбирам неговиот бес, тој и понатаму е важен за нас. Случајот е затворен“, изјави Зидан.
Реал има два бода повеќе од второпласираната Барселона, и натпревар помалку од најголемиот ривал, а претстојниот викенд го очекува градското дерби со Атлетико.
Четири дена подоцна, Реал гостува кај Баерн во Минхен во првиот натпревар од четврт-финалето на Лигата на шампионите.

Најнови вести