Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
14.9.2016

Лига на шампиони: Реал тргнува во одбрана на титулата

Вечерва продолжува првото коло во Лигата на шампионите, во центарот на вниманието секако е Реал Мадрид, кој почнува со одбрана на титулата.

Кралскиот клуб на премиерата го дочекува португалскиот Спортинг Лисабон, па во центарот на вниманието ќе биде и Кристијано Роналдо, кој потекнува од редовите на лисабонските „лавови“.
Роналдо во 2013 година како талентиран 18-годишен фудбалер го напушти Лисабон и направи трансфер во Манчестер јунајтед, а потоа во Мадрид. Ја помина младинската академија на Спортинг, а за првиот тим одигра 30 натпревари и постигна пет голови.
Подоцна, со Јунајтед еднаш и два пати со Реал го подигна трофејот и постигна рекордни 94 гола. Во сезоната што стартува Роналдо сака да стане прв играч со сто голови во елитното натпреварување и Реал да биде првиот тим кој го одбранил трофејот.
„Тоа е голем предизвик за нас, но мислам дека Реал го може тоа“, изјави Роналдо.
Кога се во прашање останатите натпревари, најинтересно би можело да биде во Торино, каде што повеќекратниот последователен шампион на Италија го дочекува повеќекратниот последователен шампион на Лигата на Европа, Севилја.
„Севилја минатата сезона беше одлично организирана во одбраната, но сега повеќе е напаѓачки ориентирана. Постигнува многу голови со новиот пристап, па мораме да бидеме внимателни. Мораме да бидеме трпеливи и да не заборавиме дека нам единствена цел ни е победата. Најважно е да ја поминеме групната фаза бидејќи во март почнува целосно поинакво натпреварување, кога мораш да бидеш и физички и психички на врвот“, изјави Масимилијано Алегри, тренерот на Јувентус.
Големо внимание ќе биде насочено и кон Бриж, каде што ќе дебитира неочекуваниот шампион на Англија од минатата сезона, Лестер.
„Освојувањето на Лигата на шампионите е невозможно, но Лестер покажа дека и невозможното е возможно. Ако не веруваш дека нешто може да се случи, нема да се случи. Нам ни е важно да стекнеме искуство, не сакам навивачите да бидат во илузија. Секако дека сакаме нашата бајка да ја пренесеме и на Лигата на шампионите, ќе се бориме, ќе го почитуваме секој противник, ќе бараме победа, ќе дадеме сè од себе“, изјави Клаудио Раниери, менаџерот на „лисиците“.

Најнови вести