Корисничко име Лозинка Пријави се
15.10.2018

Три шута, три гола и три бода за „трите лавови“

Англичаните во првото полувреме ја понижија Шпанија, која првпат прими три гола на свој терен

Англија после 31 година извојува победа на гостување кај Шпанија, овојпат во меч од Лигата на нации. Од 16 до 38 минута, Англија даде три гола и тоа од три обиди во рамките на голот, и славеше со 3:2. Головите за „црвената фурија“ беа дела на Пако Алкасер во 58 минута и Серхио Рамос во последните секунди.

Јунак на средбата е Рахим Стерлинг, кој три години немаше дадено гол за репрезентацијата, првпат погоди на гости, а сега даде два, колку што имаше и досега во кариерата. Му заврши серијата од 27 меча по ред без погодок за Англија. Досега имаше голови само со Литванија и Естонија, а вечерва два против „црвената фурија“.

Неговиот прв гол беше и прв за Англичаните на гостување во Шпанија од февруари 1987 година наваму. Тогаш победија 4:2, со четири гола на Гери Линекер.

Англија не дозволи за првпат по 1992 да врзе пет меча без победа на официјални мечеви, иако стартниот тим им беше најмлад во 21. век, со просек од нешто над 23 години.

Неверојатна е статистиката. Англија од само три шута во рамките на голот на Давид Де Хеа, даде три гола и освои три бода. Во првото полувреме, домашните имаа дури 71 отсто посед на топка, но џабе.

Шпанија дома немаше загубено од јуни 2003, од Грција, пред 5.609 дена. Од тогаш имаа 34 победи и четири нерешени. Шпанија првпат дома прими три гола на официјален меч, а на стадионот „Бенито Вилјамарин“ во Севилја ја има и најубедливата победа, оние легендарни 12:1 против Малта во 1983 година, победа со која се пласираа на ЕП 1984 и на европскиот шапмпионат стигнаа до финале.

Пако Алкасер има дадено 10 гола на последните шест меча, и тоа од десет шута кон противничките голови.

Најнови вести