Корисничко име Лозинка Пријави се
11.7.2018

Кинезите го тргнаа црвеното и црното, „Елиот“ ќе управува со Милан

Славниот италијански фудбалски клуб Милан повторно ја промени сопственичката структура, па сега контролата над „росонерите“ ја презеде американскиот инвестициски фонд „Елиот“, чиј основач е Пол Сингер, кому досегашните кинески сопственици не успеаја да му ги исплатат насобраните долгови.

Кинеската корпорација во сопственост на бизнисменот Јонгхонг Ли пред една година го купи Милан од Силвио Берлускони за 740 милиони евра, вклучувајќи ги и долговите од 190 милиони евра.
Кинезите го презедоа Милан со помош на инвестицискиот фонд „Елиот“, со ветување дека ќе го подобрат клубот. Купени се засилувања за повеќе од 200 милиони евра, но не се остварени позначителни резултати.
„Росонерите“ поради финансиски неправилности, неодамна беа отстранети на една година од европските купови, а кинеските сопственици по хаосот што го направија, одлучиле да го продадат својот дел од акциите.
Се шпекулираше дека Милан ќе го преземе американскиот бизнисмен Роко Комисо, како и Дмитри Риболовлев, првиот човек на Монако, но засега контролата ја презеде групацијата „Елиот“, на која Јонгхонг Ли не успеа да ѝ го исплати долгот од 32 милиона евра.
„Елиот“ вети дека во клубот набрзо ќе инвестира 50 милиони евра за да го стабилизира работењето, кое во претходната финансиска година, сметајќи ја до крајот на јуни, изнесуваше загуба од 75 милиони евра.
Корпорацијата „Елиот“ најави дека на местото тренер на Милан ќе остане досегашниот шеф на стручниот штаб Џенаро Гатузо.

Најнови вести