Корисничко име Лозинка Пријави се
14.6.2018

Почнува спектаклот во Русија!

Од денес, па сè до 15-ти јули ќе се одржи Светското првенство во Русија и фудбалот ќе биде главна тема во целиот свет.

Во 2014 година Светскиот шампионат се одржа во Бразил, а вљубениците во втората најважна работа на светот со нетрпение го очекуваат почетокот на Мундијалот во Русија, кој е првиот Светски фудбалски шампионат кој се игра во Источна Европа, а воедно ќе биде и премиерниот Мундијал на кој ќе се користи видео технологија (ВАР) за сите сомнителни ситуации.
Светското првенство во Русија ќе биде последното во стандардниот летен период на кое ќе учествуваат 32 екипи, додека следното ќе се одржи во Катар, во ноември и декември 2022 година. На Мундијалот во 2026 година, кој ќе се игра во САД, Мексико и Канада, учество ќе земат 48 репрезентации.
На ова првенство, светската шампионска титула ќе ја брани Германија, која и сега е еден од фаворитите, а доколку ја освои, ќе биде трета репрезентација која успеала да ја одбрани титулата.
Други фаворити за освојување на 21-от Мундијал се Бразил, Франција и Шпанија, како и селекциите на Аргентина, Белгија и Англија.
Оваа година честа да го отвори Светското првенство ќе ја има домаќинот Русија со натпреварот против Саудиска Арабија, откако претходно на стадионот „Лужники“ во Москва ќе се одржи свечената церемонија на која ќе пее Роби Вилијамс.
На Мундијалот во Русија ќе настапат 32 селекции, а во наредните 32 дена ќе се одиграат 64 натпревари во 11 руски градови на 12 стадиони, распоредени на територија од 2.000 километри.

 

Најнови вести