Корисничко име Лозинка Пријави се
13.6.2018

Од местото на настанот: Русија преполна со странци, Русите без еуфорија

Москва пред почетокот на Мундијалот нема возбудлив амбиент.

Светското првенство чука на московската врата. Времето до почетокот на Мундијалот се мери во часови. Утре од 17 часот сите очи ќе бидат вперени кон домаќинот, селекцијата на Русија.
Домаќинот планетарната смотра ќе ја отвори против Саудиска Арабија. За московјаните како сè да стои... Како Светското првенство да нема да почне никогаш...
Амбиентот на општа незаинтересираност кружи во мегаломанскиот град, само ретките билборди укажуваат што ќе се одржува следниот месец во главниот град на најголемата држава на светот.
Спасот од таквата атмосфера лежи во навивачите на другите репрезентации. Да ги нема нив, би се рекло дека не постои фудбалско време во Москва.
За среќа, ги има нив. И тоа многу. Најмногу околу Црвениот плоштад. Во строгиот центар на градот. Сомбрерата, традиционално веселите Мексиканци, се во бавчите на кафулињата, а групи Аргентинци со повиците „Меси, Меси, Меси“ го величаат нивниот идол.
Понекое довикување им испраќаат на големите ривали, Бразилците. Нив тоа ни најмалку не им смета.
Напротив. Возвраќаат господски, со аплауз. Спорадично минуваат и луѓе со боите на Мароко, Саудиска Арабија, Перу, Уругвај...
Засега, најголем впечаток оставија Иранците. Поради бројноста и фолклорот. Стотина од нив ги опкружиле двајца ороводци со познатите вувузели и во ритам извикуваат разни пароли. Доминира онаа вообичаената: „Иран, Иран...“
Набрзо им се придружија и останатите. Наизменично почнаа со песна, гушкање, смеа... Вистинска карневалска атмосфера. Покрај навивачите, и органите на редот му помагаат на обичниот човек да забележи дека се подготвува нешто големо.
Контролните пунктови се наоѓаат на сите влезови околу Кремљ, претресите се задолжителни. Би се рекло непотребно до таа мера бидејќи однесувањето на туристите зборува дека девијантното однесување им е на последно место. Но, безбедноста е на прво.
Москва брои ситно. Моментот кога сите ќе отидат на стадионот „Лужники“ на свеченото отворање на Мундијалот е на дофат. А московјаните и понатаму продолжуваат да сонуваат...

Најнови вести