Корисничко име Лозинка Пријави се
01.7.2017

Младите Германци нови европски шампиони, за Шпанците индивидуалните признанија

Репрезентацијата на Германија до 21 година го освои младинското Европско првенство во Полска по минималната победа над Шпанија во финалето.

Шпанија до финалето дојде со максимални четири победи и во натпреварот влезе како фаворит, меѓутоа младите Германци го почнаа мечот агресивно и во првото полувреме беа изразито доминантни.
Веќе во осмата минута Макс Мајер го погоди дирекот со удар со глава, а во продолжение направија уште неколку убави шанси. Моментот кој го реши натпреварот се случи во 40-тата минута – Шпанците лошо реагираа по еден центаршут и Мичел Визер со глава ја прати топката во мрежата на Шпанците.
Во вториот дел младата „фурија“ ја презема иницијативата и ја имаше топката во свој посед, но не успеа да ја пробие одбраната на дисциплинираните Германци и да создаде сериозна шанса.
До крајот остана 1-0 и младите „панцери“ стигнаа до својата втора титула во оваа возраст, прва од 2009 година. Од друга страна Шпанците останаа на четири трофеи и не успеаја да се израмнат со Италија која има пет.
За најдобар играч на турнирот беше избран фудбалерот од средината на теренот на Бетис, Дани Себалос кој брилираше на турнирот и беше главен играч на Шпанија.
Еден од фудбалерите кој го обележи првенство беше Саул Нигез кој постигна пет голови, од кои три во полуфиналето против Италија и како најдобар стрелец ја доби „златната копачка“. Втор стрелец е исто така репрезентативец на Шпанија, Марко Асенсио со три гола.

Најнови вести