27.1.2016 Македонија со пораз ги заврши настапите на ЕП
Машката ракометна репрезентација на Македонија е поразена Белорусија со 30:29 во последното коло од главната фаза и Европското првенство го заврши на 11-тата позиција.
Македонските ракометари настапите на ЕП ги завршија без победа, со две ремија и со четири порази на шесте натпревари.
Иако „црвено-жолтите“ беа фаворит пред средбата, првото полувреме заврши со еден гол предност на Белорусите, 14:13.
Македонија првпат поведе со 7:6, имаше и 10:9, но потоа во шест напади не постигна гол поради грешките на Филип Лазаров.
Борко Ристовски одбрани девет од 21 удар кон неговиот гол, а Кирил Лазаров постигна четири гола во првите 30 минути, кога крилата Дејан Манасков и Гоце Георгиевски останаа на клупата.
Белорусија го почна второто полувреме со серија од 7:1, а нашите ракометари со голема борба го израмнија резултатот на пет минути. Сепак, во финишот Белорусите беа поконцентрирани и ни го нанесоа вториот пораз во третиот меѓусебен дуел.
Капитенот Лазаров беше најефикасен во македонскиот состав со 10 гола, еден помалку од Пуховски кај Белорусите, кој беше прогласен за играч на мечот.