Корисничко име Лозинка Пријави се
03.11.2015

Блинд го изостави Ван Перси, остро по Депај

Холандскиот селектор Дани Блинд го изостави Робин ван Перси од поширокиот список на 23 фудбалери за претстојните два пријателски натпревари.

Сепак, тој нагласи дека тоа не значи дека репрезентативната кариера на напаѓачот е завршена.
Поранешниот напаѓач на Арсенал и на Манчестер јунајтед има 101 настап за Холандија и постигна 50 голови, но по сè изгледа дека тој е првата жртва на најавениот ремонт на тимот по срамните квалификации за Европското првенство низ кои „лалињата“ не успеаја да изборат пласман во Франција следната година.
Блинд изостанувањето на триесет и двегодишниот напаѓач го образложи со зборовите дека „не игра добро“ за својот клуб Фенербахче, но нагласи дека повторно би го повикал доколку се врати во форма.
Ван Перси на натпреварот против Чешка, последниот во квалификацискиот циклус, влезе во игра од клупата, постигна автогол, а потоа и гол, но Холандија загуби со 2-3 и ја пропушти шансата да се пласира на големо натпреварување, по прв пат од 2002 година.
Внимание предизвика и изостанокот на Мемфис Депај, а селекторот тоа го оправда на остар начин.
„Во фудбалот играчите мораат да бидат во служба на тимот, а тој не го прави тоа секогаш“, беше објаснувањето на Блинд.
Холандија на 13-ти ноември ќе игра против Велс во Кардиф, а четири дена подоцна против Германија, исто така на гости.

Најнови вести